ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА
МАКЕДОНСКИ ИНСТИТУТ ЗА МЕДИУМИ
Медиумите и конфликтот
Медиумите и конфликтот во Македонија беше темата на еднодневната конференција што се одржа на 14 септември годинава во Скопје, во организација на Македонскиот институт за медиуми, Freedom Forum од Лондон и IREX ProMedia-Македонија.
Посебен интерес на оваа конференција, посетена од многу новинари, но и луѓе од други професии, беше првата панел-дискусија на тема „Како медиумите во Македонија го покриваат конфликтот: Дали и зошто медиумите во Македонија известуваат различно за ист настан?” Модераторот на оваа панел-дискусија, г. Климе Бабунски, претседател на НВО „Про медиа”, изврши презентација на новинарски текстови и снимки од телевизиски информативни емисии, од кои беше јасно видлива различноста во известувањето за еден ист настан, посебно кога се работи за медиумите на македонски и на албански јазик.
Интерес предизвикаа и втората панел-дискусија на тема „Известување за другиот”, со модераторот Милица Пешиќ од „Diversity Network” , како и третата панел-дискусија на која беше даден осврт на начинот на којшто странските новинари известуваат за конфликтот во Македонија – „Дали новинарите од западните медиуми објективно известуваат за настаните во Македонија?” (со модераторите Анабел Мек Голдрик и Џејк Линч од „Reporting the World”). Конференцијата беше проследена со изложбата на фотографии на фоторепортерот Рон Хавив, насловена како „Мед и крв – Балкански воен дневник”. На изложбата, поставена во Музејот на современа уметност во Скопје, Рон Хавив преку фотографиите го претстави своето видување на воените конфликти на тлото на поранешна Југославија, почнувајќи од Хрватска и Босна, преку Косово, до Македонија.
|