Одбележан Меѓународниот ден на „белиот стап“
Слепите лица се’ погласни во барањето на своите права
Сојузот на слепите лица на Република Македонија, го одбележа 15 октомври Меѓународниот ден на „белиот стап“, ден кој во светот се одбележува од 1964 година. Годинава одбележувањето беше под мотото „Во образованието и работата ќе ја најдеш светлината“.
Дел од членовите на Сојузот на слепите лица, ја коментираа сегашната позиција но и борбата за своите права: „Во минатото Меѓународниот ден на „белиот стап“ беше одбележуван со културно-уметничка програма, а сега со барање права за слепите кај државните институции. Се повеќе се крева нашиот глас“, истакнуваат тие. Преку начинот на кој се постапува спрема слепите лица на улица, во училиште и на други места, се демонстрира способноста на општеството за осмислена интеграција. Тие апелираа до претставниците од Владата и Интерпарламентарната лоби-група, да се заложат за интервенции во предлог-законот за вработување со кои слепите лица би добиле достоинствен третман при вработувањето.
Д.М.
|