Денови на културната размена
Културна офанзива - операција Велес
Од 14 до 16 октомври во Велес, ЗГ Контрапункт од Скопје, во соработка со ЗГ Кец од Велес и со Музејот на град Велес, организира тродневен саем на културна размена во којашто 8 граѓански организации, културни институции и уметнички групи, 44 уметници и културни работници, на 13 локации реализираа 23 културни настани. Во рамките на манифестацијата се организираше и продажен штанд со уметнички изработки, дела и книги од десетина издавачки куќи, со што партнерите се вклучија во манифестацијата “Велес - град на културата”, во организација на локалната самоуправа од Велес.
Културните настани се одвиваа со полн интензитет, на неколку места истовремено. Беа одржани изложби, улични акции, видеопрезентации, промоции на книги, аудиоперформанси, читање слем - поезија, филмски проекции, панел-дискусии. Во рамките на офанзивата постоеше и изложбен и продажен салон на културни артефакти: уметнички дела, книги, необични креативни производи. Продажниот салон беше организиран и поради потребниот елемент на одржливост на културата. “Сметаме дека македонските граѓани, и покрај лошата економска состојба, се заинтересирани за културни продукти, доколку тие се со достапна цена и доколку истите им се достапни. Елементот на дифузија и дистрибуција на културните артефакти е целосно запуштен во земјата, особено надвор од Скопје не постои понуда ниту на книги ниту на други уметнички дела, не само од областа на ликовната уметност, туку и од областа на креативните изработки” - потенцираа, меѓу другото, организаторите. К.Б.
|