Центар за енергетска ефикасност на Македонија - МАЦЕВ
Доброволно научно здружение, член на РЕНЕУР
Центарот за енергетска ефикасност на Македонија - МАЦЕФ од Скопје е доброволно научно здружение, основано да дејствува во рамките на Република Македонија и надвор од неа. Постои од декември 2002 година и е член на меѓународната мрежа за енергетска ефикасност РЕНЕУР (RENEUER - Regional Network for Efficient Use of Energy and Water Resources), во чиј состав влегуваат Албанија, Бугарија,Босна и Херцеговина, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Црна Гора и Хрватска.
Национален координатор на проектот кој МАЦЕФ го реализира во Македонија е Виолета Кецкаровска од Министерството за економија, а делегиран национален експерт проф. д-р Константин Димитров од Машинскиот факултет од Скопје, кој воедно е и претседател на организацијата. МАЦЕФ е подржан и тесно соработува со фондацијата „ALLIANCE TO SAVE ENERGY“, формирана од Сенатот на САД и делумно финансиски поддржана од УСАИД. Воедно, таа е член на Асоцијацијата на консултантски организации, и нуди професионални експертски услуги од својот делокруг на работа, во земјата и надвор од неа.
Основните цели на МАЦЕФ се: промоција на мерки, совети и експертизи за ефикасно управување со потрошувачката на енергија и вода за пиење но и учество во нивната реализација; учество во креирањето на енергетската политика и планирањето на развојот на енергетиката и енергетските ресурси, развој и промоција на научната мисла во доменот на ефикасното користење на ресурсите, изработка и спроведување на акциски планови за енергетска ефикасност при единиците за локална самоуправа. МАФЕС работи и на обединување на инженерите, финансиерите, екологистите и економистите во заедничка активност пред извршните органи на државата, на овозможување на поцврста меѓусебна соработка, размена на искуства и меѓусебна помош меѓу членовите со сродни организации во странство. Исто така во зацртаните цели на оваа организација е и интенцијата да стане член на меѓународните консултантски организации од кои се регрутираат експерти за консултантски услуги во меѓународни проекти.
МАЦЕФ е организација која се занимава со давање интелектуални и други експертски услуги, во следниве области: проектирање и реновирање на системите за греење и вентилирање на училишта и други јавни објекти со примена на современи методи за енергетска ефикасност, климатизација, затоплување, разладни системи и осветлување;пренос на електрична енергија, трансформатори за струја со низок и висок напон; рециклирање и користење на градскиот смет како извор на енергија, користење алтернативни извори на енергија, изработка на еколошки проекти и експертизи.
МАЦЕФ има 41 членови и во него се вклучени експерти од неколку профили: машински инженери, инженери по електротехника, технолози, економисти и лингвисти. Од нив 15 членови се доктори и 5 магистри на науки.
Адресата на МАЦЕФ е ул. „Никола Парапунов“ 3а/52, 1000 Скопје, а можете да ги добиете и на тел. 02/3099-216, 070/228-577, факс 02/ 3061-013, е-маил: macef@ereb1.mf.ukim.edu.mk.
Д.М.
|