Цивикус продолжува понатаму

Дефинирано граѓанското општество

Што е тоа граѓанско општество? Што всушност подразбираме под тој термин? Ова се прашањата на кои Националната советодавна група на ЦИВИКУС (Индекс на граѓанското општество) се обиде да даде одговор. На својот прв состанок, многубројните и долги дискусии членовите се усогласија дека под терминот граѓанско општество ќе ги подразбираат “сите формални и неформални граѓански здружувања, организации и мрежи коишто го исполнуваат оп­штес­твениот простор меѓу семејството, пазарот, политичките партии и власта, а кои се здружуваат заради остварување заеднички цели и интереси”.

“Никој не го дефинира граѓанското оп­штество кога разговара за него. Едноставно, секој поаѓа од ставот дека оној другиот го дели неговото разбирање на гра­­ѓанското општество”, вели Даниела Стојанова, член на Националниот индекс-тим, “можеби тоа беше и причината зошто на членовите на НСГ им требаше повеќе време за да дојдат до дефи­ницијата”.

Освен дефиницијата, членовите на НСГ ги усогласија и категориите на организации на граѓанското општество, користејќи го терминот граѓански организации, наместо невладини организации (НВО). Во овие категории се опфатени и верските заедници и синдикатите.

“Во врска со другите планирани активности, завршен е и прегледот на медумите”, додаде Стојанова. Нејзиниот прв впечаток од набљудувањето на статиите објавени за граѓанското општество во дневните весници: Дневник, Утрински весник, Време и Факти е дека тие најчесто имаат известувачки карактер. Освен дневните весници, беа следени и Форум, Актуел, како и прилозите објавени на веб-сајтот на А1 телевизија. Сепак, наодите од тримесечното набљудување (мај-јули) допрва ќе бидат предмет на анализа на Националната советодавна група.

Членовите на Националниот индекс-тим интензивно ги под­готвуваат и другите две активности: примерок на заедницата, во кој ќе бидат интервјуирани 700 граѓани и регионалните советувања на кои ќе се дискутира за наодите од испитувањето на клучните личности од граѓанскиот сектор и од другите сектори за состојбата со граѓанското општество во Македонија. Индексот на граѓанското општество ќе вклучи и сегмент за социјално одго­ворните бизниси. Веќе се собрани информациите за 10-те претпријатија со најголеми добивки остварени во претходната година, а понатаму ќе се анализира дали и колку донирале тие во гра­ѓанското општество.

Конечниот национален извештај се очекува да биде готов во почетокот на следната година. 

                                                                                                      Г.Ј.