Отворена канцеларијата на Рома 2002
“Силна мрежа на ромски граѓански организации”
На 20 октомври 2005 година, десетина ромски граѓански организации свечено ја отворија канцеларијата на мрежата наречена “Рома 2002”.
“Рома 2002” е формирана на 6 ноември 2002 година. Таа е доброволна иницијатива на граѓански организации здружени за остварување заеднички цели во полза на нивната заедничка целна група, Ромите од Република Македонија.
“Денеска можеме да ги видиме нашите четиригодишни напори за воспоставување силна мрежа на ромски граѓански организации коишто ќе се обидат да ги развијат и да ги интегрираат Ромите во општеството”, рече на отворањето на канцеларијата Дилбера Камберовска, претседателка на Ромската организација на жените на Македонија (РОЖМ) “Даја”.
“Рома 2002” застапува и лобира за потребите и интересите на ромската популација во Македонија. “Очекувам канцеларијата да функционира добро, иако поддршката е обезбедена само за првите четири месеци”, вели Ахмет Јашаревски, претседател на организацијата “Дром” од Куманово. “За тој краток период се надеваме дека ќе најдеме фондови за одржување на канцеларијата.” Членките на мрежата не го кријат задоволството што десетина организации од 2002 година започнале да работат заедно. “Тоа се силни организации коишто имаат реализирано доста проекти”, вели Јашаревски. “Време беше ромските граѓански организации да созреат и да започнат да работат заедно. Ромските граѓански организации ќе се ориентираат на Декадата на Ромите и на Стратегијата на Ромите што ја донесе Владата”, додаде тој.
Идејата на “Рома 2002” е да се шири со нови членки и да врши обука на младите организации коишто ќе имаат такви потреби. “Рома 2002” е отворена за сите кои ќе покажат интерес.
Новата канцеларија на “Рома 2002” се наоѓа на ул. “11 Октомври”, бр. 23/2-1 во Скопје. Информации за оваа мрежа можете да добиете на телефонот 02/3112-029 или на електронската пошта RNVORoma2002@yahoogroups.com .
Г.Ј
|