НАСТАНИ ЖИВОТНА СРЕДИНА
ДВИЖЕЊЕ НА ЕКОЛОГИСТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
Формиран Еколошки кризен центар
Движењето на екологистите на Македонија деновиве го промовира Еколошкиот кризен центар, формиран во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. Со овој центар, ДЕМ се вклучува во акцијата за евидентирање, анализирање, информирање и решавање на потенцијалните еколошки проблеми и последици и штети кои врз животната средина и природното и културното наследство на нашата држава ги предизвикаа воените судири.
Како што претседателот на ДЕМ, г. Тони Јовановски изјави на прес-конференцијата свикана по овој повод, Еколошкиот кризен центар ќе биде сервис за јавноста, а ќе остварува тесна соработка со Канцеларијата за комуникација со јавноста при Министерството. - Идејата и поттикот за формирање на Центарот ги пронајдовме во Архуската конвенција и тој ќе значи имплементирање на дел од нејзините одредби во практика - рече г. Јовановски. Г. Перо Стојчевски, координатор на Еколошкиот кризен центар, појасни дека ќе се работи со помош на локалните координатори кои во моментов ги има во Тетово и во Куманово. Информациите кои тие ќе ги селектираат ќе бидат внесени во база на податоци, која се формира во Канцеларијата за комуникација со јавноста, а ќе биде креирана и веб-страница на Центарот. Планирано е претставници на Еколошкиот кризен центар да учествуваат и во странските набљудувачки мисии, пред си на ОБСЕ. Формирано е и координативно тело, во кое членуваат претставници од неколку министерства, институции и невладини организации, а се планира и формирање експертски тим во фазата на пост - конфликтна состојба кој ќе врши стручна проценка на штетите на животната средина. М.Иванова
|