Законот за локална самоуправа и граѓаните

 

Можности за непосредно учество во одлучувањето во општините 
 

Во Законот за локална самоуправа предвидени се облиците на директно (непосредно) учество на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење. Тоа се:

 

-    граѓанска иницијатива

-    собир на граѓани

-    референдум

-    претставки и предлози

-    јавни трибини

-    анкети

 

Трошоците за спроведување на непосредното учество на граѓаните во одлучувањето паѓаат на товар на општинскиот буџет.

 

Граѓанска иннцијатива

Граѓаните имаат право да му предложат на советот да донесе одреден акт или да реши одредено прашање од неговата надлежност. За ваквиот предлог советот е должен да расправа ако го поддржат најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на којашто се однесува определеното прашање. Советот е должен да ја одржи расправата најдоцна во рок од 90 дена по доставената иницијатива и да ги информира граѓаните за својата одлука.

 Граѓанска иницијатива не може да се поднесе за кадровски и за финансиски прашања.

 

 Собир ни граѓаните

Собир на граѓаните може да се свика за подрачјето на целата општина или за подрачјето на месната самоуправа. Собирот на граѓаните го свикува градоначалникот на општината по сопствена иницијатива, на барање на советот или на барање од најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на којашто се однесува определеното прашање. Притоа, граѓаните имаат право да предложат решенија, да дискутираат, да гласаат и да донесат заклучоци, но ова нема задолжувачки карактер за Советот на општината и за градоначалникот.

Органите на општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат заклучоците донесени на собирот на граѓаните и да ги земат предвид при одлучувањето и донесувањето мерки по прашањата на коишто се однесуваат, како и да ги информираат граѓаните за своите одлуки.

 

 

Референдум

 Референдумот е една од најмоќните форми на непосредно граѓанско учество. Граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината.

Исто така, Советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива.

Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за Советот.

 

Претставки и предлози

Секој граѓанин има право, поединечно или заедно со другите, да доставува претставки и предлози за работата на органите на општината и на општинската администрација.

Затоа, градоначалникот е должен да создаде услови за доставување претставки и предлози; најдоцна во рок од 60 дена, од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави образложен одговор и претставките и предлозите коишто не се однесуваат на работи од надлежноста на органите на општината да ги достави до соодветниот надлежен орган и за тоа да го извести подносителот.

 

Јавни трибини, анкети и предлози

При изготвувањето на прописите на општината, Советот, односно градоначалникот, може претходно да организира јавни трибини, да спроведе анкети или да побара предлози од граѓаните.

 

Извор: Закон за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002)