ИНТЕРВЈУ: ДАНИЕЛА ДАБЕСКА, ШЕЛТЕР ЦЕНТАР

На жртвите на домашното насилство им треба конкретна помош 
 

До пред неколку години, државата немаше никаква иницијатива за решавање на проблемот на семејното насилство. Денес е поинаку, но сакам да апелирам активностите да не се сведат само на кампањи или трибини, туку на нудење конкретна помош. Економскиот фактор е најголемиот што ја држи жената беспомошна и во состојба да биде подложена на домашното насилство 
 

Маријана Иванова

Шелтер центарот во Скопје постои и функционира благодарејќи на екипата  која работи пред се тимски и која мак­симално ја вложува својата стручност  во ре­ша­вањето на проблемот на семеј­ното на­сил­ство којшто е при­сутен во многу домови во на­шава др­жава. 

Со оглед дека најчесто жр­тви на овој вид насилство се жените и децата, Шел­­тер цен­тарот,  ра­боти, пред се, со жените како целна група. Но, често пати помош им се дава и на децата кои се малтретирани од едниот или од обата ро­дители, како и на мажите кои се жртви на насил­ство од чле­новите на сво­ето се­мејство.

Со г-ѓа Дабеска, рако­во­дителка на Цен­тарот и тимот (сос­тавен од пси­хо­лог, соци­о­лог, пра­в­ник, пе­да­гог, док­тор), разговаравме за овој проблем, кој за жал кај нас е се уште прикриен, за по­мошта која на жените-жртви им ја нуди Шелтер центарот, за наредните планови кои одат во насока на одржливост на ова при­фатилиште. 

Г.С. - Како настана Шелтер центарот?

Д.Д.-
Шелтер центарот всушност прет­ставува одговор на проблемите на семеј­ното насилство, појава која кај нас егзис­тира од многу одамна благодарејќи, пред се, на патријархалното размислување во нашето општество.Предолго време овој проблем претставуваше големо та­бу, про­следено со митови, сместен зад ку­лисите. Така, Шелтер центарот излезе на виде­лина благодарејќи на заедничкиот став на група жени кои припаѓаат на иста фела (хумана) кои веруваа дека преку овој центар ќе можат да го имплементираат своето знаење, стручност и амбиција во насока на по­зитивно решавање на проб­лемот на семеј­ното насилство во нашата држава.

Г.С. - Сигурно се соочивте со цела палета најразлични проблеми, а некои и се уште се присутни. Како фун­кцио­нира денес ова прифатилиште на же­ните и децата жртви на домашното насилство?

Д.Д.
- На отворањето на Шелтер центарот му претходеше долга припрема, односно се оспособуваа услови за неговото отво­рање и едукација на тимот. Програмата беше креирана врз основа на моделите од шелтерите во регионот, но сепак со текот на времето, соочени со директен контакт со целната група, програмата ја моди­фи­циравме соодветно на нашите усло­ви. Проб­­леми се уште постојат и тие прои­злегуваат најчесто благодарејќи на отсус­тво на заинтересираност од страна на реле­вантните фактори, немањето со­одвет­на програма од страна на државата, лошата социјална политика, непостоењето законска регулатива и многу други фак­тори. Секако дека се ова претставува фактор којшто оди на штета како на целната група, така и на сите оние кои се занимаваат со решавање на овој проблем. Долготраен е процесот за да се направат сите овие промени, но најбитно е сите иницијативи кои се преземаат на ова поле и се во позитивен контекст да се под­држуваат .
Во моментов еден од најгорливите проб­леми е недоволниот капацитет кој изне­сува вкупно 20 лица (жени и деца), а бројката којашто е евидентирана кај нас е многу поголема.
Мораме, за жал, некогаш да ја одбиеме помошта во однос на згрижувањето во прифатилиштето, но секогаш им даваме помош во вид на совети, медијација, правна и психолошка помош… 


Г.С. - Дали соработувате со институциите на државата, невладините организации и другите субјекти во општеството?

Д.Д.
- Од самиот по­четок соработуваме со соци­јалните центри и со не­вла­дините орга­ни­за­ции, како и со владините ор­га­ни. Од почетокот не поддржува Мини­стер­ството за труд и со­ци­јална работа. Нај­­го­ле­миот број же­ни кои се згрижени кај нас се упа­тени преку центрите за социјална работа - зна­чи, нив­ниот проблем бил тре­тиран од овие ин­сти­туции, но сепак крај­ната потребна дес­ти­на­ција  е Шелтер цен­тарот. Ние сме всуш­ност единс­тве­ниот цен­тар во Маке­донија кој целосно го третира проб­лемот на жената која излегла од својот дом, бегајќи од на­силството во него. За разлика од другите вак­­­ви центри во регио­нот, каде жрт­вите мо­жат да престојуваат 3-6 ме­сеци, кај нас тој период е до 12 месеци. Сметавме дека тоа време е потребно за да може жената пред се психички да се среди, да се ста­билизира и со помош на нашиот стручен тим да преземе соодветни чекори за решение на својот проблем. Покрај оста­натите услуги, даваме правна помош. Остваруваме добра соработка со Основ­ниот суд Скопје 2, благодарение на која релативно брзо се решаваат пред­метите коишто во овој суд доаѓаат од жените згрижени кај нас. За жал, кај нас се уште семејното насилство не се смета за кривично дело.
Шелтер центарот е и медијатор помеѓу жените и институциите на државата, а решавањето на предметите кои се зас­тапувани од Шелтер центарот оди побрзо и поефикасно. Исто така, морам да ја нагласам одличната сора­ботка со МВР и поли­циската станица која се наоѓа во не­посредна бли­зина на при­фатилиштето. И покрај тоа што локацијата на Шел­тер центарот се држи во дис­­кре­­­ција, се случило со­пру­гот на некоја жена згри­жена кај нас да ја открие. Но, полициската станица во на­шето соседство има посебен оддел за нашите потреби и веднаш реагира.  


Г.С. - Каков е профилот на стручниот тим кој работи во Шелтер центарот?

Д.Д.
- Имаме педагог, пси­холог, социолог, лекар, прав­ник и економист. Но, по­не­когаш, зависно од актив­нос­тите, вклучуваме волонтери претежно студенти. Шелтер центарот е отворен за сите луѓе кои мислат дека можат да придонесат  во реша­вањето на овој проблем.


Г.С. - Кога се зборува за семејното или домашното насилство, се мисли на насилството на кое во домот е подло­жен член на семејството. Иако поретко, и мажите можат да бидат жртви на овој вид насилство. Дали им помагате и на нив?

Д.Д.
- Прифатилиштето е наменето на една целна група - жените и нивните деца. Но, сме се соочиле и со јавувања од мажи кои се жртви на семејното насилство. Немаме можност да згрижуваме и мажи, но секо­гаш им помагаме со совети, пси­холошка и правна помош. И, секако, се јавуваат и деца, било да пријават дека нивната мајка е малтретирана или дека тие самите се малтретирани, на различни начини. Под домашно насилство се подразбира не само физичко, туку и психолошко, емо­ционално, економско и сексуално на­силство. Нај­често се при­јавува само физичкото. Но, имавме и случаи на инцест, каде жртви се децата. Во такви случаи стапуваме во контакт со инсти­туциите на државата.  


Г.С. - Каде најмногу се среќава домаш­ното насилство? Дали тоа е вр­зано со одредена средина?

Д.Д.
- Домашното насилство, за жал, го има насекаде - во сите слоеви на оп­штеството, без оглед на националноста, религијата, образовното ниво или стан­дардот на семејството. Сепак, најголем број од случаите се врзани со семејствата со пониска образовна структура и со поне­поволна економска состојба. И ова е потврда дека едукацијата и сиро­маш­тијата се едни од најважните фактори за појавата на овој вид насилство. 


Г.С. - Дали има некое позитивно помес­ту­вање во однос на проблемот на до­маш­ното насилство?

Д.Д.
- Секако дека има. Во споредба со периодот од пред десетина години, жената е посвесна за своите права. Голем при­донес за тоа дадоа женските невла­дини организации и медиумите. Често пати, жената е свесна и едуцирана, но нема механизми да го реши својот проблем. До пред неколку години, државата немаше никаква иницијатива за ре­шавање на овој проблем. Денес е по­инаку, но сакам да апелирам актив­ностите да не се сведат само на кампањи или трибини, туку на нудење конкретна по­мош. Економскиот фактор е нај­го­лемиот којшто ја држи жената бес­помош­на и во состојба да биде под­ложена на домашното насилство.   


Г.С. - Како се финансира Шелтер цен­тарот?

Д.Д.
- Во овие две години од нашето работење при­маме странска помош - главно од амбасадите (на САД, Нор­веш­ка, Ка­на­да, Германија и дру­ги). Добиваме и сред­ства од буџетот на др­жавата, но тоа може да покрие само една ос­мина од нашите потреби, така што мо­раме да се ориен­тираме на стран­ските до­натори. Но, овој вид до­на­торска помош не може да трае вечно. Шелтер центарот не е класичен проект кој трае неколку месеци. На­­­про­­тив, стра­тегијата на Цен­тарот се одвива во на­сока на дол­го­­рочно по­стоење, би­дејќи семеј­ното насил­ството не е феномен кој се појавил преку ноќ, па сега на­еднаш да го иско­ре­ни­ме. Затоа ние интензивно раз­мислу­ваме за само­одрж­ливоста на Цен­та­рот. Лани изгот­вивме еден проект, како модел на тех­ничка самопомош, со главна цел да се обез­беди независно егзис­тирање на Шелтер цен­тарот. Добивме опре­ма од Владата на Јапонија за производство на женски хулахоп-чорапи. Во прои­звод­ството, кое треба да започне во март-април годинава, ќе бидат вклучени же­ните згрижени кај нас, а планираме да вклу­чиме и жени во продажбата и пла­сманот на производот. Размислуваме и за други можности, како на пример соз­давање програма за женски еко­номски развој.  


Г.С. - Дали добивате помош од бизнис-секторот?

Д.Д.
- Само еднаш - од Скопски пазар добивме донација во вид на храна. Мо­жеби требаше поорганизирано да го ани­мираме бизнис-секторот и тоа е секако нешто што ќе го правиме во наредниот период.