луѓе: Алберт Муслиу
Ако работите во секторот НВО, верувајте во него
Професионално искуство: Па, сум ги пробал сите сфери на таканареченото општествено организирање, од државен службеник, работа од приватен, па с$ до невладиниот сектор.
Ангажирање во граѓанскиот сектор: Во граѓанскиот сектор сум ангажиран повремено од 1994, додека од 2001 година сум професионално ангажиран како извршен директор на АДИ. Член сум на неколку меѓународни структури, на Извршниот одбор на Балканската мрежа за човекови права, Бордот на директорите на Европскиот совет за бегалци и азиланти, Ремарк-форумот на Универзитетот на Њујорк итн. Во АДИ поконкретно го покривам и Секторот за човекови права и меѓународна соработка.
Хоби и интерес: Па, од “класичните” хоби ми е слушањето музика и гледањето филмови. Со музика сум се занимавал во помладите години (и тоа успешно), таа ми остана како пасија. Сакам да патувам, да запознавам нови места, луѓе и култури, а тоа често и го правам.
Заинтересиран сум за сите активности кои го промовираат отвореното општество, така што учествувам во многу меѓународни иницијативи и активности кои ги промовираат овие вредности во различни делови на светот.
Најтешка одлука: Е, ова е ептен тешко прашање. По природата на работата што ја вршам секој ден донесувам некоја одлука, така штоа не знам која би можел да ја издвојам како најтешка.
Амбиции: Амбиција ми е да станам генерален секретар на Обединетите нации (хе, хе). Сериозно, мислам дека тоа е малку тешко, така што би се задоволил и со генерален секретар на Советот на Европа, а сон би ми било да станам пејач и да имам концерт на Вудсток со 500.000 публика.
Во слободно време читам: Го обожувам Умберто Еко, а ми се допаѓаат и хиспано-американските писатели Маркес, Сабато, Борхес и компанијата.
Каде оди во слободно време: Си седам дома, се излежувам (јадам без контрола, обожувам италијанска храна), а некогаш со пријателите одиме и на некоја пијачка.
За време на викенди: Обично на работа, а некогаш и организирам таму да ме посетат домашните, па заедно излегуваме на пица.
Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто: Јас мислам дека најголем национален проблем ни е недостатокот на самодоверба. Имено, ние сме релативно мала држава, имаме добро едуциран кадар и мислам дека ако ни се зголеми малку самодовербата и ако нашите луѓе преземат иницијатива, многу брзо ќе ја надминеме економската криза, која по мое мислење е најчесто генератор и на другите кризи.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто: Мислам дека дискрепанцата помеѓу развојот на богатите и сиромашните држави расте со многу брзо темпо. Државите кои се богати многу побрзо повеќе се збогатуваат, додека сиромашните поспоро се развиваат, така што јазот помеѓу нив с$ повеќе расте. Се плашам дека во тој цел систем ние никогаш не ќе можеме доволно брзо да се развиеме за да ги стигнеме другите, а тоа во подолг период ќе биде голем проблем.
Што би променил во Македонија и во светот: Би направил еден голем базен со солена вода и би го нарекол море, така што ќе немаме проблем ни со грчки визи, нити со долги патувања до Турција или Хрватска, а сепак ќе одиме на одмор на море. Сериозно, би создал една подобра клима на меѓуетнички план и секако би се потрудил кај нас да создадам услови младите да најдат адекватна работа и да не мораат тоа да го прават низ белиот свет. Немам јас ништо против мобилноста на младите, тоа го има низ целиот свет. Мислам дека е пожелно нашите млади луѓе да работат и надвор, но ми пречи кога тие одат да работат затоа што не можат да најдат работа дома, а не поради тоа што сакаат да се здобијат со нови искуства или да видат нови земји.
Во светски рамки би ја поддржал иницијативата глобализацијата да не подразбира само полесен режим на движење на стоки или информации, туку би го олеснал и режимот на движење на луѓе. Имено, иако во светски рамки има институции кои работат на тоа да се олесни овој режим (Светската трговска организациј), од друга страна движењето на луѓето поради порестриктивни безбедносни режими е с$ потешко, што лично мислам дека е лицемерно и некоректно.
Совет/порака: Ако работите во секторот НВО, би ви препорачал да верувате во него, независно од тоа колку понекогаш некои работи ви изгледаат безнадежни и би им препорачал на младите луѓе што повеќе да се дружат меѓу себе и во тие дружби да не вметнуваат некои ограничувања или предрасуди кои ги измислиле постарите.
Никогаш не би можел: Да пијам убаво гостиварско еспресо, а при тоа да не запалам една цигара.
|