ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ НА МЕДИУМИТЕ
Вестите - најгледана програма во Македонија
Со наслов “Програмски потреби на публиката во Република Македонија”, Центарот за развој на медиумите спроведе анкета за слушаноста, односно гледаноста на одредени програмски целини на електронските медиуми во Македонија. Со анкетирањето, кое траеше од 17 до 24 декември 2005 г. и беше спроведено според моделот “од врата до врата”, беа опфатени 1.700 испитаници. Популациската рамка на населението се движеше од 18 до 65 години, а критериуми за репрезентативност беа полот, етничката припадност, возраста и местото на живеење. Прашањата на коишто одговараа испитаниците беа поделени во два основни сегменти - телевизија и радио. Се бараа одговори за гледаноста, односно слушаноста на електронските медиуми, периодите на најголема гледаност/слушаност, видот на програмските целини (филм, спорт, музика, забава, реално шоу).
Во одговорите за телевизијата најголем процент испитаници (27%) гледаат ТВ од 18 до 22 часот, но најмногу (35%) гледаат ТВ 3-5 часа дневно. Во однос на поделбата на национална и локална ТВ, 47% рамноправно гледаат и национална и локална ТВ-станица. Најгледани видови програма се вестите (22%), најпосакувани филмски жанрови се акциските филмови (25%), додека најгледани серии се комедиите (24%). Кај спортовите, фудбалот најмногу се гледа (36%), потоа следуваат ракометот (10%), па кошарката (6%). Најголем број од испитаниците се задоволни од понудената програма (32%), но би сакале да има специјализирана програма (филмска - 24%). На 32% им е сеедно дали ќе гледаат реално шоу, но 54% во викендите сакаат да гледаат различна програма од онаа во работните денови.
Најголем број од испитаниците (23%) радиото го слушаат од 10 до 13 часот, 26% подеднакво слушаат локална и национална радиостаница. Во однос на жанровите на радио, спроведената анкета покажа дека најмногу се слуша музичката програма (43%). Забавната програма ја слушаат 10%, додека вестите на радио ги слушаат само 7% од испитаниците.
|