Кампања за борба против ХИВ/СИДА

Направи ХИВ-тест!

Во Македонија веќе четири месеци се одвива камплањата „Некои работи стануваат секојдневие, направи ХИВ-тест!”, наменета за општата популација со цел подигање на свеста за ХИВ-тестирање, а организирана од НВО Х.Е.Р.А, во соработка со организациите ЕГАЛ, ХОПС И ДОВЕРБА, како и со Републичкиот завод за здравствена заштита и Глобалниот фонд за борба против ХИВ/ СИДА, туберкулоза и маларија. Организаторот ги повика заинтересираните за тестирање да се јават на бесплатниот телефонски број 0800 33 444, за да ги  добијат сите потребни информации. 

Кампањата има за цел да промовира бесплатно ДДСТ (доброволно, доверливо советување и тестирање), во сите советувалишта низ Македонија.

„Клиентите треба да знаат дека никој нема право да ги принуди да направиме ХИВ-тест, тоа е одлука на клиентот и тоа го прави по своја волја. Сите информации и податоци за клиентот во текот на пред и посттест советувањето се заштитени. Целта на советувањето е да се добијат точни информации за ХИВ/ СИДА, начинот на пренесување на вирусот, заштита, дали е вистинско време клиентот да направи ХИВ-тест или треба да се почека извесен период. Преку советувањето, клиентот се подготвува за разбирањето на резултатите од тестот (позитивен или негативен)” - напоменуваат организаторите на кампањата, во рамките на која е промовирано и теренско возило (бело комбе) опремено како подвижна лабораторија.  На теренот се користат т.н. брзи тестови, резултатите се добиваат за 10 до 15 минути, а процедурата опфаќа преттест и посттест советување. Клиентот добива и бесплатни едукативни материјали за ХИВ/СИДА, сексуално и репродуктивно здравје и полово преносливи болести и бесплатни кондоми. Комбето кое е активно низ различни локации низ Скопје го користат четирите НВО кои опфаќаат различни целни групи: млада популација (студенти), генерална популација, како затвореници и луѓе во притвор, корисници на дрога кои инјектираат, комерцијално сексуални работници, популацијата ЛГБТ ( лезбијки, хомосексуалци, бисексуалци и трансексуалци), како и  МСМ (мажи кои имаат секс со мажи, а не се идентификуваат со хомосексуалната популација) и ЖСЖ (жени кои имаат секс со жени, а не се сметаат за лезбијки) и луѓе корисници на дрога, но и оние кои се на третман и со нивните семејства.