НАСТАНИ
ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА
ПОЛИО ПЛУС: НЕЕДНАКОВ ПРИСТАП, ЕДНАКВО НА ПРЕСТАП
Капиџик, за почеток
Здружението „Полио плус - постполио група за поддршка” ја промовираше кампањата „Нееднаков пристап, еднакво на престап”, чија основна цел е надминување на архитектонските бариери за луѓето кои се движат во колички, односно, подобрување на физичкиот пристап до јавните објекти.
=Како што на прес-конференцијата (што на 28 септември годинава ја организираше ова здружение) изјави претседателот на „Полио плус”, г. Звонко Шаврески, проектот е насочен кон обичните луѓе, како и кон Владата, локалните власти, бизнис-секторот и невладините организации. Сите тие се сака да се обединат и да се промени нивната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со физички хендикеп. - Не веруваме дека тие имаат негативна свест и дека се глуви за овој наш проблем, туку можеби едноставно само не помислиле на него. Затоа, сакаме да ги потсетиме и заедно да го решиме - рече г. Шаврески. Проектот е финансиран од две странски влади - на Велика Британија и на Канада. На прес-конференцијата зборуваше амбасадорот на Кралството Велика Британија во нашата држава, г. Џорџ Едгар. Тој рече дека ова е важен проект, бидејќи се однесува не само на подобрување на физичкиот пристап кон јавните објекти, туку и на подобрување на јавната свест. Првата фаза на проектот има симболично име - „Капиџик”. Таа го иницира проблемот и опфаќа медиумска кампања. Испечатени се брошура, флаери и налепници, кои ќе бидат поставени на јавните објекти кои не се пристапни за лицата со физички хендикеп, а се подготвува и веб-страница (www.polioplus.org.mk). Во оваа кампања ќе учествуваат 30 НВО од Скопје, Струга, Охрид и Битола, за кои „Полио плус” одржа семинар. Втората фаза ќе опфати медиумско-правна кампања, а третата, издавање на магазин со наслов „Вулкан”, посветен на правата на лицата со физички хендикеп. Прес-конференцијата заврши на симболичен начин, со потпишување на договор за соработка со кој неколку големи претпријатија се обврзуваат самите да создадат услови за пристап на хендикепираните лица во своите објекти. Засега, потпис на овој договор ставија: Заводот за вработување, Македонски пошти, QBE Осигурување, Електродистрибуција - Скопје, Комерцијална банка и Стопанска банка. М.Иванова
|