Одбележани седум години од смртта на Мајка Тереза

Врачени признанијата „Послание Мајка Тереза“

„Можеби не можеме да сториме големи нешта, но можеме мали и тоа со многу љубов“, рекла Мајка Тереза, големата хуманистка и граѓанка на светот. Светот и се воодушевуваше на Мајка Тереза, на нејзината пожртвуваност и посветеност на болните и гладните, на напуштените и осамените. Признанието за оваа Мајка, Нобеловата награда за мир стигна во 1979 година. Во таа чест и во чест на седумте години од смртта на Гонџа Бојаџиу, на 5-ти септември 2004 година во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје се одржа свечена академија.

На академијата, асоцијацијата „Скопјанката Мајка Тереза“ ги додели овогодишните посланија. Признанија „Послание Мајка Тереза“ годинава им се доделија на претседателот Борис Трајковски (постхумно), Аге Бојаџиу и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Статуетки со ликот на големата жена добија Мифтар Мифтари, Митко Тошев, Скендер Кули, Миле Стојкоски, Галаба Зареска и Домот за стари лица „Мајка Тереза“.

Граѓанката на светот, Мајка Тереза, е родена на 26 август 1910 година во Скопје. На 26 септември 1928 година го напушти родниот град за да им се посвети на хуманоста и на посветеноста на болните и беспомошните. Таа се упокои на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија. Папата Јован Павле Втори на 19 октомври 2003 година ја беатификува Мајка Тереза, односно ја прогласи за блажена – чекор пред нејзиното прогласување за светица.