Фотографска изложба во Скопје
Лицето на човековите права
“Лицето на човековите права не е еден човек, не е една жена, не е едно дете ниту една нација - тоа сме сите ние”.
Со овие зборови беше анимирана јавноста да ја посети изложбата на фотографии којашто во Музејот на град Скопје беше отворена на 12-ти и траеше до 26 октомври.
“Фотографијата како уметничка форма на човековото изразување често пати успева да ги дефинира и идентификува различните аспекти од човековите права. Добрите фотографии кажуваат многу повеќе отколку еден говор и ретко кога им е потребна интерпретација. Оваа изложба ги портретира човековите права преку селектираните фотографии од агенцијата Магнум фотос од Париз. Тие не само што го отсликуваат кршењето на човековите права, туку исто така ја документираат реалноста на животот во мир и достоинство”, стоеше во пригодниот текст на изложбата, чиј мотив е почитување на човековите права, воспоставување мир, демократија и одржлив развој.
Изложбата за првпат настанала по пристапувањето на Швајцарија во Обединетите нации, кога Сојузното министерство за надворешни работи ја претставило под наслов “Постоење” во Палатата на нациите во Женева, за да го одбележи отворањето на 60-тото заседание на Комисијата за човекови права на Обединетите нации. Како резултат на покажаниот интерес, започнала и патувачката турнеја низ швајцарските претставништва и канцеларии за соработка во странство.
Покрај изложбата на фотографии во Музејот на град Скопје, секојдневно се одржуваа проекции на филмови коишто преку својата визуелна форма изразуваат одредени човекови права. Проектот е поддржан од Швајцарската амбасада во Република Македонија, овозможен од Магнум фотос, во организација на Музејот на град Скопје во соработка со Публицис Скопје, со Хелсиншкиот комитет за човекови права, со ОХЦХР, со УНИЦЕФ, со УНХЦР и со МАССО.
К.Б.
|